Напишано од Administrator    Петок, 27 Мај 2016 17:45    PDF Печати Е-пошта

НЕ ТЕХНИЧКА, ТУКУ ВЛАДА НА ПРЕТХОДНО ДОГОВОРЕНА ПОСТИЗБОРНА ШИРОКА КОАЛИЦИЈА!

ВМРО-ДП смета, дека влада на претходно договорена, постизборна широка коалиција, а не техничка влада, е единствено решение за излез и понатамошна консолидација од политичката криза.

Влада во која партиципацијата на секоја од 4-те политички партии одделно ќе се одреди преку изборниот резултат на следните избори, и која ќе биде одраз на политичката волја на граѓаните, и затоа нема да биде октроирана, туку легитимна.

Премиерот ќе го предложи партијата со најголем број освоени пратенички мандати, а неговата евентуална интервенција во одделни ресори да биде прецизно лимитирана со претходниот договор.

Владата да има целосен мандат без можност за предвремени парламентарни избори.

Во договорот да бидат јасно и недвосмислено прецизирани ограничувањата во нејзината работа за време на целиот мандат, дека покрај постојните уставни ограничувања, таа не може да преговара и да покренува било каква иницијатива во врска со спорот за името со јужниот сосед,  ниту иницијативи за промена на моделот на политичкиот систем, како и за унитарноста на државата, ниту да го толкува Рамковниот договор и со тоа да изведува наводни дополнителни обврски кон албанското малцинство.

Двете македонски партии во овие околности мораат во интерес на Македонија и македонскиот народ, да ја споделат одговорноста, и да не ја туркаат државата во политички вакум кој ќе се пополни со најдеструктивни политички антимакедонски процеси и сосем извесен катастрофален епилог.

Во ваквата Влада на претходно договорена постизборна широка коалиција, двете македонски партии ќе се позиционираат во едно специфично единство, како последна институционална брана во одбрана на унитарноста на Македонија, да се осуети рекомпонирање на државата кое отворено се најавува од албанското малцинство преку барањата за консензуална демократија, дводомен парламент, двојазичност на целата територија, и други нивни барања кои водат кон федерализација на Македонија.

Со закон, за следните избори да се утврди, дека секоја партија оди сама на избори без предизборни коалиции, во една изборна единица според Донтоновиот модел без изборен праг. Со тоа владата ќе биде составена од 4-те најуспешни партии, но Парламентот ќе биде според волјата на избирачкото тело, со автентични пратеници на повеќе политички партии што ќе обезбеди Законодавниот дом да го добие своето место предвидено со постојниот политички систем во државата.

 

ВМРО-ДП               

 

Последно освежено ( Четврток, 01 Септември 2016 17:29 )