PDF Печати Е-пошта

РАМКОВНИОТ ДОГОВОР НЕ ПОСТОИ !

/ Ставот е промовиран од претседателот на Партијата на дебатата “Демитологизација на 2001“, организирана од Фондацијата Отворено општество на 20-21 јануари 2010 година, но овој став е цензуриран и не и е емитуван на јавноста, заради што од страна на ВМРО-ДП потоа е изнесен на партиските промоции на локалните тв медиуми во државата /  

  • Рамковниот договор не е мировен, тој е политички договор, него го потпишаа легални политички партии, а не завојувани страни !
  • Република Македонија не е потписник, ниту пак тоа е ОНА. Следствено, Македонија не беше поразена војнички, таа само под притисок на делови од меѓународната заедница претрпе колатерална штета во контекст на регионалните и глобалните случувања.
  • Рамковниот договор не постои, затоа што како политичкиот договор е преточен во Уставот, и формално правно престанал да постои.
  • Секое инсистирање, од било која партија потписник, или од било кои други структури внатре или однадвор за нови обврски на Република Македонија, преку негово толкување, е непочитување на Уставот. 

Во прилог следат стенограмите од изнесените ставови на претседателот на ВМРО-ДП во дебатата “Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“:


Владимир Голубовски:

Веднаш да констатирам, дека во однос на она што е основната поента на дебатата, демитологизацијата на 2001, таа всушност делумно веќе се оствари со рецензијата на книгите.

Ја чувме вистината која била платформата и целите на ОНА.

Реалната платформа и цели на ОНА се во книгите кои на оваа дебата  беа исцрпно промовирани преку рецензентите, а во нив пишува дека во 2001 имавме војна за територии, а не за човекови права !

Излезе дека се друго  кажано досега за тоа, било гола реторика, замајување на јавноста, говорење невистина и бегање од одговорноста на оние кои учествувале во институциите на власта за својата неспособност да ја бранат Македонија, уставниот поредок и територијалниот интегритет.

Дозволувајќи да ни се случи 2001, во очите на нашите пријатели и на меѓународната јавност, делувавме како незрела држава која состојбите ги решава со импровизација, неспособна институционално да ги одбрани националните интереси и која не води сметка за достоинството на сопствениот народ. 
Историското значење на 2001 година е поголемо од самиот факт за една војна, затоа што Македонија со Рамковниот договор и со промената на Уставот го изгуби темелот на својата државност, ја изгубивме Асномска Македонија.
 
Затоа организирањето на една ваква дебата е повеќе од оправдано, и би било добро да се повтори со учество и на други учесници кои имаат морален кредибилитет да дебатираат, со што некои оценки и состојби би се корегирале, и ќе покажеме дека сме држава која знае и може самата да се грижи за себе, а Македонија и реално, а не само реторички да пролжи со евроатланските интеграции.
 
Што се однесува до излагањето на Марк Лајти во врска со неговата книга “Спречување војна во Македонија“, доколку ова е некаков “суд“, а вие сте “порота“, иако Македонија нема англосаксонски модел во судството, ве повикувам сите, се што овде слушнавте од господинот Марк Лајти да го заборавите, бидејќи се што тој кажа се  произволни тврдења кои не одговараат на фактичката ситуација, и не помогаат за разоткривање на вистината, за демитологизацијата на 2001.

Понатаму, покрај демитологизацијата на платформата и целите на ОНА, која се направи со рецензијата на книгите , издвојувам уште два клучни елементи кои треба да се демитологизираат.
Прво, не се согласувам со еден од говорниците од ДУИ кој Рамковниот договор го нарече мировен. Рамковниот договор е политички договор, него не го потпишаа завојувани страни, туку легални политички партии. Тој беше решение по диктат од меѓународната заедница која на Македонија и наметна модел кој што претходно не успеа во Кипар.
Второ прашање кое што исто така треба да се демитологизира е прашањето на постоењето на Рамковниот договор. Овој политички договор од моментот кога е преточен во Уставот не постои. И повикувањето на Рамковниот договор е непризнавање на  Уставот.
 
Исто така сакам во врска со Рамковниот договор  да укажам на една контрадикција во врска со барањата на Албанците за нови и нови права, а кои ги поврзуваат со нивната наводна определеност за граѓанскиот концепт, но токму со Рамковниот договор ваквите нивни барања се разоткриваат во една стратегија за редефинирање на државата, за менување на нејзиниот унитарен карактер.

Имено тие во 2001 со сила, со оружје и со помош на странски ментори ни наметнаа со Рамковниот договор да ги прифатиме нивните барања за колективни права како стекнати врз принципот на процент, а не и тие како сите други граѓани да ги уживаат индивидуалните права, како родени права.

Една година пред новиот редовен попис на населението се поставува прашањето, што ќе се случи кога новиот попис ќе покаже дека тие се помалку од 16% ? Или нема да правиме повеќе пописи за да не се укине формално правната рамка за Рамковниот договор, а тоа е бројката на албанската малцинска заедница од 20%.

За сега толку, ќе го почитувам времето кое ми беше дадено, но утре ако ми биде дозволено преку анализа ќе покажам дека Рамковниот договор, како политички договор кој што е апсолвиран со Уставот повеќе не постои. Исто така ќе  предупредам и на ретроградните имликации од Рамковниот, на изградените механизми кои и во иднина ќе генерираат длабока криза,  заради која Македонија неможе да се иновира како демократско општество. 
 
Станува пракса секоја реформа што сакаме да ја покренеме, дури и оние кои немаат никаква врска со меѓуетничките односи, како во економијата,  или социјалната сфера, политичките претставници на албанското малцинство по автоматизам ги ставаат во контекст на  меѓуетничките односи, и со опструкции го блокираат нивното донесување.

Македонија вака никојпат нема да постане современа држава, и е осудена да стои на слеп колосек како заложник на големоалбанските аспирации на политичките претставници на албанското малцинство.  
 


Владимир Голубовски:

Јас би сакал да дадам придонес преку една критика, како провокација за вас од новинарската фела.

Сметам, дека дебатата за улогата на медиумите 2001, она што денес требаше компетентно да го расправате меѓу вас, не ја постигна целта. Многу малку ја искористивте можноста суштински да проговорите за проблемите и за специфичноста на известувањето за настаните во услови на воен конфликт.
Наместо за вас, и за вашите проблеми, зборувавте за политиката и тоа со јазикот на политичарите.

Сепак имаше една до две добри дискусии од кои произлезе и единствениот објективен заклучок дека новинарите во 2001 година не беа подготвени за такво известување, и верувам дека овој заклучок ќе ги анимира оние кои треба да го отклонат овој хендикеп на македонското новинарство. 
 
Затоа кога тврдите дека медиумите биле злоупотребени од политиката, иако не се сметам за политичар, но заради функцијата претседател на една помала политичка партија морам таа одговорност да ја носам и да ја бранам мојата политичка позиција, сакам да предупредам дека на таков начин вие самите создавате уште еден свој хендикепот кој се содржи во немањето јасна граница на вашиот професионален интегритет, и кој  што треба да произведе и кредибилитет.
Вие сте во една криза, заради тоа што премногу лесно самите прифаќате наместо да сте од другата страна на политиката да бидете интегрален дел на истата таа политика која сега самите ја злоупотребувате за сопствен алиби.

Се добива впечаток дека кога би имале храброст да ги оставите новинарските пера, и се најдете на изборните листи на некои од наредните избори, би биле подобри политичари отколку сега новинари. Убеден сум дека тоа би било подобро за македонската политика отколку како новинари да се однесувате како политичари.  
 
 

Владимир Голубовски:

Бидејќи времето е строго лимитирано, јас ќе го прочитам концептот, кој е покус од една страна, и ќе ве замолам да не ме прекинувате до крај.  


Владимир Голубовски:

Дали конфликтот е завршен, дали помирувањето се случи, дали последиците ги разрешуваат причините ?
Помирување не е само простување или заборавање, туку и престанок на причините за конфликтот. А ако причините беа, а неспорно се барањата кои поаѓаа од стратегијата “сите Албанци во една држава“, и гледаме дека политичките претставници на албанското малцинство не се откажуваат од таа идеја, тогаш имаме конфликт во континуитет кој зависно од околностите ја менува формата но, не и содржината. 
 
Имам впечаток дека на оваа дебата македонските учесници се под нивото на македонскиот народ, а претставниците на албанското малцинство поставуваат барања кои не ги претставуваат цивилизациските потреби на својата популација.
Со ваквиот став не ги омаловажувам етничките Албанци во Македонија, едноставно констатирам неспорен факт дека тие бараат и добиваат права кои малцинствата во државите на ЕУ или САД не ни сонуваат да ги побараат. Но, долгорочно, стратешки, ваквите уцени ќе завршат на штета на интересите на албанската малцинска етничка заедница.

Парадоксот е во тоа што нивниот агресивизам со кој го разорија европскиот концепт на Македонија, го поврзуваат со наводната заинтересираност за евроатланските интеграции, а знаат и самите дека токму од ЕУ и НАТО ќе бидат сопрени во стратегијата “сите Албанци во една држава“, затоа што ЕУ и САД, не сакаат вирусот да им се пресели дома.

Дека и политичките лидери од албанското малцинство се свесни за ова, доказ е забележливото ладење и дистанцирање од првичните изјави, дека Албанците ќе одат во ЕУ и НАТО, со или без Македонците, теза која им е октроирана од стратезите на македонската политичка опозиција. Таа не е теза на Албанците. Сега и тие самите меѓу себе знаат кој од нив се на линк со македонската политичка опозиција, преку кого всушност доаѓаат бочните удари, од опозицијата во функција на притисок да се попушти во спорот за името со Грција.

Да се потсетиме, дека најмалку една политичка структура на албанското малцинство е во функција на службите на јужниот сосед, што беше видно и пред предвремените избори кога коалиционата ДПА се закани со излегување од коалицијата откако тоа го најави како закана и официјална Атина.
 
Последиците од 2001 година не се еднаш створени статични состојби со кои ќе се справуваме. Проблемот е што се соочуваме со динамични ретроградни процеси генерирани од вградените механизми, кои не дозволуваат Македонија да се иновира и доградува како функционална демократија. Постојано во клучните моменти на реформирање на општеството ни се наметнуваат нови и нови барања од албанското малцинство.

Која е црвената линија ? Има ли крај на нивните барања ?

Затоа е неопходна демитологизацијата на 2001 година и Македонија да влезе во иднина со нова свест кон овие случувања.

Во прилог на ова залагање ќе ги констатирам трите пункта за демитологизација.
Прво, Рамковниот не е мировен договор. Договорот го потпишаа легални политички партии, а не завојувани страни. ДУИ не е потписник на Рамковниот Договор. Значи, Рамковниот Договор е политички договор, следствено Македонија не беше поразена војнички, таа само претрпе колатерална штета во контекст на глобалните и регионални случувања.
Второ, Рамковниот Договор не постои, затоа што како политички договор преточен во Уставот, формално правно престана да постои. Секое инсистирање преку толкување на нови обврски на едната или другата страна е непочитување на Уставот.
И трето, реалната платформа и цели на ОНА се во книгите кои на оваа дебата исцрпно беа промовирани преку рецензентите, за што беше искажано и пред малку. Во нив пишува дека 2001 имавме војна за територии, а не за човекови права. 
 
Самата дебата околу прашањето дали 2001 беше борба за територии, или за човекови права, е гола провидна реторика која не води кон прогрес кон овие прашања, и Македонија мора да изгради стратегија со која ќе ги пресретнува евентуално новите кризи во променети околности и да развие институционален капацитет за да ги менаџира.