PDF Печати Е-пошта

 Игнорирање на фактите за идентитетот

/Амбасадор Ристо Никовски/

         Ако ја нема Република Македонија, другото е техника: за светот формално нема да има Македонци. Ни матична држава, за тие што живеат ширум светот. Така, се македонско станува грчко ! 

     Погрешно е тврдењето дека „спорот со Грција го тангира националниот идентитет (во смисла на идентитетот кој произлегува од врската меѓу граѓанинот и државата) а не етничкиот идентитет“. Политичката игра може да има и таков призвук, бидејќи целта е прикриена: незамисливо е денес некој да оспорува нечиј етнички идентитет. За жал, токму тоа е целта на Атина, а не државјанството на нашите граѓани, кое се доделува, одзема... Тоа е чисто техничко прашање, околу кое досега немало војни.

Мора де се согледаат фактите дека на Грција не и пречи државата, туку народот. Ако нема (етнички) Македонци, ако нема македонски јазик... името (кое би симболизирало само географски регион) не би и било некаков проблем.

Ако Атина го спореше само нашето државјанство, зошто тогаш има проблем со јазикот? Јазикот не е дел од „врската меѓу граѓанинот и државата“ ама е многу важна етничка карактеристика. Зошто, ако зборувавме свазили, Атина немаше да инсистира тој да биде „јазик на поранешната...“ или како веќе ќе не крстат ? 

     1. Дека е така, потврда е што на Атина и одговара да бидеме - Славомакедонија, на пример. Каде е тука географската одредница? Или, дали некој верува дека Грција би прифатила постоење на македонско малцинство кај нив, а ние за возврат, да се прекрстиме во - Тунгузија? Со пораката дека имале 2,5 милиони „Македонци“, Бакојани јасно кажа - не може да има други. Затоа, Атина се бори за ексклузивност на името. За да се сфати значењето на името на нашата држава, треба да се знае дека таа го добила од македонскиот народ, а не обратно. Тука е сублиматот. И проблемот. Ако ја нема Република Македонија, другото е техника: за светот формално нема да има Македонци. Ни матична држава, за тие што живеат ширум светот. Така, се македонско станува грчко. Затоа, не треба да има дилеми дека ѓурултијата е околу нашиот етнички идентитет. Државјанството е само колатерална штета

     2. Точно е дека „nationality“ (во смисла на државјанство) неизбежно ќе стои во ООН, Советот на Европа... Тоа е само аргумент повеќе дека новото име, автоматски, ќе мора секаде да се употребува, вклучувајќи и во пасошите (ќе мора да се менува и Уставот). Не може ние да прифатиме измислена „Северна Македонија“, а некаде да фигурираме поинаку. Ни теоретски, во меѓународна употреба не можат да ни останат „македонски“ ниту идентитетот, ниту јазикот. Тоа би било вештачко и секаква „гаранција“ би била практично неупотреблива (или привремена). Впрочем, кој може, како, и зошто треба, да гарантира дека сме Македонци ?!? Тоа, само потврдува дека ни се доведува во прашање етничкиот идентитет. Гаранции се даваат за нешто што е (или може да биде) спорно, или може да се расипе. Ако сме такви...
 
     3. Не е точна констатацијата дека е „само за по дома“ тезата: „Македонците... може да имаат повеќе државјанства, ама или се Македонци по националност, или не се“. Таа важи за сите: за Мексиканците во САД, за Гвинејците во Франција... (иако тие често гордо велат дека се Американци, Французи...дури и со намера да го прикријат етничкото потекло). И тие, како и Македонците, кои живеат низ светот, немаат никаква врска со суверенитетот на Мексико, Гвинеја, Македонија... Тој е на граѓаните. Ама тие се дел од својот народ. Впрочем, ние официјално запишавме дека Албанците од Македонија се дел од албанскиот народ.

     Кај им е суверенитетот?

     4. Според Уставот, нашата држава има обврска да се грижи за нашите малцинства во соседните земји, и за дијаспората.
Исто е во Грција, Бугарија... Тоа е позитивно !