PDF Печати Е-пошта

Фуере и Фреден да престанат да го навредуваат македонскиот народ !

     ВМРО-ДП бара МНР на РМ да упати најостар протест до шведскиот амбасадор во Скопје, Ларс Фреден и евроамбасадорот Ерван Фуере,  за нивното непристојно однесување кое излегува надвор од мандатот  заради кои се во Македонија.

     Македонија е суверена држава, таа не е протекторат, па затоа тие не можат да се однесуваат како администратори и вчудоневидувачки арогантно во континуитет да вршат притисок да попуштиме на ирационалните барања за промена на нашето име, заканувајќи се притоа со перспективите на Македонија во евроатланстките интеграции.

     Ако евроатланстките интеграции водат кон состојби за Македонија кои би можеле да ги претпоставиме според менталниот склоп на спомнативе господа дипломати, тогаш треба да се запрашаме какви ли барања ќе ни испорачаат тогаш кога ќе ги прифатиме институционалните механизми, на структурите каде сакаме да пристапиме.

     Ваквото непристојно и омаловажувачко однесување претставува грубо мешање во внатрешните работи на РМ како суверена држава, и предизвикува сериозни сомненија за мотивите на нивното однесување.

     Истовремено ВМРО-ДП, и во оваа прилика ги потврдува своите ставови дека разговорите за разликите за името со јужниот сосед треба да ги прекинеме.

     Македонија од своја страна направи повеќе од многу од државите кои се веќе во тие структури, па доколку кај нив нема спремност да донесат политичка одлука да им пристапиме, нашето внимание да го преусмериме на консолидирање на државата по мерка на македонскиот народ.