PDF Печати Е-пошта

 

Демостен повторно почнал да тептави

 

/Иван Паунчев/

 

         Биле ли Македонците и Елините во антиката еден народ? Ако тогаш биле, следствено и сега се. Но, ако тогаш зборувале на два различни јазика, а и денес Грците и Македонците зборуваат на два различни јазика, тоа не можело ниту може да биде.

Дека античките Македонци не биле Елини, најсигурен доказ за тоа е големиот грчки говорник од тоа време, еден од најголемите говорници во антиката. Живеел во Атина во времето на Филип Втори Македонски. И затоа точно знаел кои се Елините, а кои се Македонците, макар бил едно време и во заблуда во врска со цивилизираноста на Македонците.

Како дете тептавел. Но, секојдневно одел кај некакви бучни водопади, среде нивната бучава викал, говорел, така се здобил со големи говорни способности и станал еден од најголемите говорници не само во антиката, туку и во светската историја. Неговите говори се познати како Филипики затоа што биле вперени против владеењето на македонскиот цар Филип Втори Македонски, кој во негово време ги покорил сите елински полиси и кого тогашните Елини поради тоа не го сакале.

         Во нив тој на многу јасен начин прави разлика меѓу Македонците и Елините. Филип и Македонците ги нарекува варвари. Збор што има две значења, првото дека не се Елини (следствено ни Грци) и второто дека не се цивилизиран народ.

         Но, тоа свое незнаење, во врска на второто значење на зборот (дека Македонците не се цивилизирани) , скапо го платил. Кога ја посетил престолнината на античка Македонија, Пела и видел какви објекти имаат изградено и во каков раскош живеат Македонците, тој останал зинат, занемел и повторно почнал да тептави.

         Денешниве Грци се кажуваат за наследници на Елините и се гордеат со говорните способности на Демостен. Но, замолчуваат во врска со нивната содржина и разликата што ја прави меѓу Елините и Македонците. И не само со неговите говорни способности, тие се восхитуваат и на омразата што Демостен ја имал кон Македонците, која и тие денес ја чувствуваат кон нас.

         Без да се свесни, ако ние сме единствени и цврсто застанеме на своите праведни принципи, исто како и Демостен, и тие ќе занемат и ќе затептават.

         Но, од карактерот не се бега. И Караманлис и Дора Бакојани и најголемиот дел денешни грчки политичари, живеат во светот на омразата и негирање на нас Македонците, а нас не обвинуваат за нивните недостатоци, од кои не можат да се ослободат и тврдат дека сме ние тие што не сакаат добрососедски односи. Можни ли се добрососедски односи со омаловажување и потценување на соседот? Со блокирање на нашиот прием во НАТО, без никаква причина, само затоа што нашето име не им се бендисува?

         Тие се свесни дека ние сме приспособливи и дека имаме поголеми човечки способности и карактеристики, ние сме похумани од нив и затоа упорно се борат да не вклопат во својот посакуван свет, во своето елинско битие, за да си го подобрат и својот етнички состав. И не прашуваат дали и ние го сакаме тоа. Тоа го прават со сила. Со забрана да се кажуваме за Македонци, туку за Грци, со забрана да зборуваме на својот мајчин јазик, со недавање право да учиме на својот мајчин јазик, со барање да се откажеме од нашето име Македонци, па дури и со склопување мешовити бракови. Тоа го прават во Егејска Македонија од 1913 год. и, за жал, не се случило тој перфиден геноцид Европа да го осуди. Европа молчи како да не постои. И таа е причината, нема друга, поради која настана и спорот за нашето име.

         А сведоци сме како европските политичари, ризикувајќи го и своето реноме, премолчано, а божем не, се ставаат на страната на Грција и не упатуваат, како тоа да не ги засега, да се договориме со Грција за таа да ни даде име. А знаат дека вистинското барање на Грција од нас е да добие право да врши геноцид над нашето население во Егејска Македонија. Дека, под изговор на барање добрососедски односи, во Грција се негува омраза стара повеќе од две илјади години. Дека спорот по својата суштина не е за ништо друго, туку за обезбедување право на омраза и на геноцид.

         На основа на кои принципи денешниве политичари ја градат Европа?

Авторот е писател