PDF Печати Е-пошта

Името на еден народ, на една држава е свеста, а свеста е името

/Професор Нестор Огинар/ 

         Вие можете да се повикувате на достоинство, да се повикувате на принципи, можете да речете дека сте непопустливи, но за такво нешто ќе платите цена, а тоа е всушност и вистината на реалната политика. Од друга страна, пак, можете да бидете флексибилни, да станете членка на најсилната воена структура на светот”.

         Овие заканувачки зборови до македонскиот народ ги упати поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Георге Робертсон, во интервјуто за емисијата „Отворено со народот” на Слободан Томиќ на 10 јули, каде што гостин во студиото бев и јас. Леснотијата со која овој пресметан, ладнокрвен Британец, самонаречен „пријател” на Македонија, ја промовира меѓународната теза дека „името не е најголемо и најважно прашање за македонскиот народ” и дека „промената на името е само еден мал компромис и цена што треба да се плати за придобивките на земјата како дел од пошироките европски текови”, се шокантна потврда за ироничната изместеност на сите демократски и хумани вредности на евроатлантската констелација кон чијашто студена прегратка талка Македонија речиси две децении.

         На мојата реакција дека уценувањето на Македонија со промената на нејзиното историско, национално и уставно име, како отелотворение на нејзиниот суверенитет, е грубо кршење на основните принципи на Северноатлантскиот сојуз и дека тоа претставува своевиден парадокс, бидејќи НАТО беше формирана токму заради потребата да се заштити и брани суверенитетот на државите што беа од другата страна на Железната завеса, господинот Робертсон, во недостиг од логичен одговор, понуди циничен аргумент, велејќи дека: „Живееме во реалниот свет на „реалполитиката”!

 

         Навистина, Македонија дозволи да ја воведат во тој свет на „реалполитиката” на 21 век, и таа повеќе не поседува ниту морален ниту политички компас, ниту, пак, волја да чекори самостојно, независно и достоинствено по тие непознати патеки.

         Сега Македонија, онаква каква што е, личи на болен пациент анестезиран и спрострен на хируршка маса врз кого белосветски доктори од типот на Франкенштајн вршат семожни зафати и експерименти со што го сакатат и обезличуваат до непрепознатливост.

         Што ќе се случи со тој пациент кога анестезијата ќе го загуби своето дејство како смирувач на совеста, ќе има ли тој доволно самосвест за да сфати што му се случува. Ќе може ли да се препознае себеси?

         Гледано антрополошки, името на еден човек, на еден народ, на една држава е свеста, а свеста е името! Кога велам „Јас сум Македонец, а мојата земја е Македонија”, не е исто како кога велам „И ам а Мацедониан, анд тхе наме оф мѕ цоунтрѕ ис Мацедониа”. И во двата случаи употребувам јазик, но јазикот во првата реченица е она што вистински ме поистоветува со моето „јас”, ја изразува суштината на тоа кој сум и што сум, односно мојот идентитет. Во втората реченица, јас употребувам еден туѓ јазик кој го користам за да комуницирам со светот којшто не го разбира мојот мајчин јазик, но мојата свест е непроменета: Јас останувам она што сум, Македонец! Значи, јазикот е функција на свеста на еден човек, на еден народ, на една земја, а не „цоунтрѕ” со која се изразува посебноста и различноста од другите.

         Веќе приближно две децении Македонија е изложена на една специјална војна: политичка, економска, стратегиско-воена којашто ете сега веќе кулминира со ултиматумот (своевиден Ханибалски „Цул де сац”) со кој треба да се промени името.

         Променете го името, под принуда или доброволно по пат на народен референдум, и вие веќе сте ја промениле свеста. Сте го изместиле односот на предметот и подметот. Сте формирале нешто ново коешто на свеста & е непознато. Сте креирале монструм или со други зборови сте починиле класичен, антрополошки геноцид.

         Ќе се прашате: „Како тоа геноцид?” Еве како: прво го изолирате Македонецот од светот (надвор), второ, го принудувате да се отуѓи од себе самиот (внатре), и трето, го затворате и маѓепсувате во еден постегзистенцијален, сурреален свет (антрополошки концентрационен логор). Со негирањето на неговото име му ги бришете последните остатоци од свеста за тоа кој е, што е и од каде е.

         Не ве потсетува ли тоа на фашистичката идеологија на двојникот Хитлер-Мусолини и теоријата за супериорноста на Ариевската раса врз остатокот на човештвото? Сите тие лица, институции, организации коишто го прават тоа се непосредни извршители на таа фашистичка доктрина. Следователно, Грција и сите земјите што ја наметнуваат таа догма, вклучувајќи ги и сите поединци и партии во Македонија што го поддржуваат тоа се учесници и соучесници во системското и систематското уништување на еден од најдревните и најмирољубивите народи во Европа и светот - македонскиот народ - и затоа на сите нив треба веднаш и без двоумење да им се пружи организиран отпор и да се рече едно јасно и гласно НЕ! Доста е! Што е многу, многу е!

         Се прашувам зошто мора секогаш и задолжително судбината на Македонија и на македонскиот народ да се врзува и да зависи од одредени супраструктури? Ни велат: „Или во НАТО и ЕУ или крај!” Но, дали е тоа навистина така?

         Историјата говори поинаку: Македонската империја пропадна, но Македонија остана. Римската Империја пропадна, но Македонија остана. Пропаднаа и Византиското и Отоманското Царство, Македонија остана.

         Логично, следи дијалектичкото прашање: „А што кога ќе пропаднат и НАТО и ЕУ?” Затоа што, по немилосрдната логика на историјата и вродената динамика на развојот на настаните, тоа секако ќе се случи, само е во прашање дали утре или задутре, неизбежно, како плимата и осеката?

         Гледано од денешната историска перспектива, се доаѓа до непогрешен заклучок дека проблемот со којшто сме соочени не е во „разликата со Грција околу името со нашата земја”, проблемот не е само на Грција, па тоа да засега само во името, или пак на Бугарија, па да засега само во јазикот, ниту пак на Србија, па тоа да засега само во црквата, или пак на Албанија и кој ли уште не пошироко во Европа, ад инфинитум ет ад носеум.

         Неизбежно се наметнува прашањето: Кој се плаши од историското постоење на Македонија, македонскиот народ и македонската национална свест на овој немирен Балкански Полуостров? Зошто и од каде тој примитивен страв, таа продолжена историска параноја од постоењето на Македонија, Македонци, македонско?

         Погледнете само малку во генезата на тој страв, во тој политичко-антрополошки страв на сите мали држави и нивните европски покровители што произлегоа со распаѓањето на Отоманската Империја, во чиишто рамки останаа делови на распарчената и поделена Македонија, на македонскиот народ и на неговата духовна и материјална култура, и ќе дојдете до правата вистина. А таа е една и недвосмислена: Постои Македонија, постои македонски народ, македонска нација, македонки јазик, македонска култура, и секој во Македонија и надвор од неа што тоа го одрекува е соучесник во еден гнасен, грозоморен, антицивилизациски и геноциден чин на којшто треба да му се стави крај!

         Македонија уште утре треба да ги напушти срамните и понижувачки „преговори” со Грција со посредство на Метју Нимиц и сета болумента на сите белосветски олеснувачи и мешетари, и со сопствена гордост, доблест и достоинство да си го најде своето место во светот кого таа мора да го принуди да се погледа во огледалото на вистината и да го промени односот кон Македонија. Друга алтернатива нема!

         Македонија и македонскиот народ никогаш не биле, ниту ќе бидат ни малечки, ни немоќни за да самите го носат Исусовиот крст, самите го туркаат Сизифовиот камен, самите го палат Прометејскиот огин, под будното и вечно око на Севишниот, под светлината на сопствената свест и совест!

 

Авторот е професор по англиска литература во САД