PDF Печати Е-пошта

ШТО Е ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР? 

13 август 2001 - ново семе на раздор и поделби на Балканот!

/Автор: Мирка Велиновска/ 

    

Предавниците на Македонија со своите ментори (став на ВМРО-ДП)

 

         ОНА од терористичка банда и убијци беше трансферирана во организација на борци за човекови права. Одбрана на државата во такви околности едноставно беше невозможна. Политички, за војната беше обвинета некадарната националистичка влада во која учествуваше и „рационалната” опозиција. Покрај Ахмети и неговата командна структура, од 2001-та профитираа Бранко Црвенковски и СДСМ. Вишокот беше ликвидиран, компромитиран или дисциплиниран.

         Што е Охридскиот рамковен договор? Изнуден акт на капитулација на поразена страна во меѓудржавна војна, мировен договор на две завојувани страни по граѓанска војна или политички договор за темелно преуредување на општествениот концепт, а со цел хармонизација на внатрешната состојба и функционалност на државата? Дали се работи за меѓународен договор или за локална творба на креативни домашни политичари? Каква правна тежина во меѓународните односи имаат потписите на т.н. олеснувачи од САД и Европа при подготвувањето на овој договор? Каква е нивната конкретна одговорност, односно, каква е одговорноста на организациите и државите кои ги делегирале како олеснувачи? Каков легитимитет и од кои акти на меѓународното право го црпи меѓународната заедница за ова свое замешателство? Која е таа? Дали војната во 2001 беше автентична албанска операција за прекројување на балканските граници или фингерајка под режисерската палка на „меѓународната заедница” во која ОВК, Заштитниот корпус и албанската мафија имаа задача на прва борбена линија за воспоставување на нови регионални односи. Дали Али Ахмети тргна во војна заради промена на Уставот или за територии?  

         На секое од овие прашања досега никој не се ни обидува да понуди целовит одговор. Секој си има свој поглед на рамковниот, но, и на настаните што му претходеа. Непосредните актери си имаат свои приватни објаснувања, а народот и по осум години, ги чувствува последиците од страотната инхибираност заради настаните. 

         Во секој случај, додека не созрее свеста дека таа прва година од 21 век не смее да зјае како уште една празна страница од македонската историја, за да не се најде утре некој „паметен” што ќе го мери времето и постоењето на „новата нација” од таа нулта година, должни сме да бараме одговори од актерите. Додека не ги добиеме, останува впечатокот дека рамковниот, како рожба на кошмарната 2001 година, е копиле за кое не се знае кој го направил, но се знае кој го роди и кој бил бабицата, кои се наречниците што му одредиле судбина и, се разбира, пред чија врата е оставен за да го храни, думка и расте.  

         Историска иронија е дека Али Ахмети, кој од денот на потпишувањето се пријавува за донатор на рамковната сперма, и редовно го слави роденденот на договорот како да му е биолошки татко, сепак е само помошна алатка (порно списание) која во специјализираните банки им се дава на анонимните донатори за стимулација на нивните нагони. Од потписниците, во меѓувреме Борис Трајковски загина под сомнителни околности со безмалку цел свој кабинет. Од „два плус два” бендот што се потпиша под договорот и ја обврза Македонија на племенска демократија, Имер Имери е „пасе” политичар. Љупчо Георгиевски е турист авантурист, државјанин на Бугарија и политичар на диспозиција. Арбен Џафери престана да „сања и дању и ноќу” зошто се повлече од политиката. Бранко Црвенковски е функционер - пензионер кој се надева дека ќе може пак да се вработи на државен трошок. Бивши се и Џорџ Робертсон, Хавиер Солана и Франсоа Леотар и фактичкиот творец на „начертанието” Роберт Фровик, а сé уште активни се Џејмс Пердју и Питер Фејт.

   

Јордановски рамковниот го пронајде и во Крушевскиот манифест 

         Бизарноста на македонската политичка транзиција се состои во тоа што неприродната состојба на нељубопитност што ја креираа странските олеснувачи при подготвувањето на рамковниот и неговото преточување во уставни промени, повремено се претвора во редовни порции на потсетување на датата која сите актери фактички сакаат да ја заборават. Гледајте напред, не се вртете назад беше советот што ни го даваа од Солана и Робертсон до локалниот портпарол на НАТО во Македонија, Крег Ратклиф. Од сите нив, само македонските политичари, особено претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ чии лидери во 2001 година го ставија потписот на се она што го издоговорија во Охрид, до последна запирка живеат според советите на нивните ментори од Брисел. Тие гледаат само напред. Освен на 13 август кога, сакале нејќеле, изгледаат како луѓе на кои не им е удобно во нивната кожа.  

         Зошто добога кога на 13 август, со потписот на славната домашна петорка, олеснета со тешките потписи на меѓународните гаранти, Македонија се врати од работ на амбисот на можна граѓанска војна!?  

         Во изминативе години тие повремено се обидуваа пред народните маси да ја продадат својата неавторизирана верзија на историскиот настан, од кои, далеку најавангардна, по слободата на толкувањето, е онаа на екс-спикерот на Собранието, Љупчо Јордановски, кој рамковниот договор го пронајде и во Крушевскиот манифест и во документите на АСНОМ. На тој начин осознавме дека историската наука, борците во НОБ и илинденските востаници, се бореле по грешка и за погрешна кауза, а дури посмртно, откако се освестиле, ги оствариле своите вистински идеали за рамковна Македонија. 

         Звучи шашаво? Не оди? Па не оди, нормално, кога така дилетантски се сака да се силува историјата, да се скријат валканиците, да се преуредат фактите, а сите да останат невини. Во такви случаи сосема очекувано беше да се роди и Пелинце како ново светилиште на новата темелно преуредена држава, наместо упокоениот асномски Прохор Пчињски, и од славно Пелинце да се испратат првите ревизионистички пораки за авангардно евро-атлантско читање на илинденската историја. Немајќи три чисти да се отчита на Гумење, првата година откако ја презеде власта, Бранко Црвенковски потпишувањето на Рамковниот и коалицијата со Ахмети и целата командна структура на ОНА ја објасни преку теоријата за рационални и емотивни политичари, служејќи се со Илинденското востание.   

 

Македонија е уценета држава, а уцената е вградена во уставниот поредок  

         Таа „рационалност” еве веќе осма година како има огромни тешкотии да биде логично процесуирана во секој нормален човечки мозок. Имено, и по осум години од датата, имаме една необична ситуација каде што, иако сите одредби од договорот се вградени во Уставот, рамката се уште се држи во живот. За да не се упокои, во меѓувреме е произведен и некаков си дух на договорот кој се полни со нови духовити политички анекси. Тој е и основно орудие на албанските мафијашко-политички кланови за меѓусебна пресметка.

         Една од спецификите на новата македонска држава е давањето две заклетви на секоја нова власт. Еднаш, пред Брисел и Вашингтон, свечено се колне дека ќе го спроведува рамковниот, а вторпат се колне во Собранието дека ќе го спроведува Уставот. Двојната политичка формула по која се одвива нашиот политички живот е жива пародија. Таа произведува нелогични ситуации да претендирате да бидете суверена држава, а да ви асистираат во носењето закони и политички одлуки амбасадори од земјите гаранти на Рамковниот. Да сакате полноправно членство во ЕУ и НАТО, а да инсистирате и на одржување на протекторатски статус на вашата држава. Да глумите унитарна држава, а да имате паралелни избори со два изборни победници кои, под принуда однадвор, мора да бидат коалициони партнери. Да инсистирате на благотворното дејство на рамковниот договор кој ја стабилизирал државата зошто ги апсорбирал и најрадикалните албански барања, а по потреба да стимулирате атмосфера на нестабилност со скокоткање на албанскиот се уште вооружен фактор. Да имате влада со еден премиер кој нема ингеренции над сите свои министри, а носи одговорност како за нормална влада. Да имате законодавна власт која со европска асистенција е претворена во формалност, а фактички, сите одлуки им се препуштени на партиските лидери од рамковната два плус два формула. Главниот резултат од оваа политика е фактот дека Македонија не е слободна, не е функционална и не може да биде правна држава. Македонија е уценета држава, а уцената е вградена во уставниот поредок.  

         Таквите бизарности и нелогичности, колку што ќе поминува време од примарниот настан, само ќе се множат. Еве и зошто. Али Ахмети како командант на ОНА не и објави војна на Македонија за човекови права, туку, во петте воени соопштенија недвосмислено декларираше територијални претензии. Нападот врз Македонија не се случи од внатре, туку од Косово. Косово и косовските граници веќе беа под заштита на НАТО. НАТО и воено и логистички им помагаше на ОВК и ОНА. ОБСЕ, на срам на Европа, играше улога на мобилна шпионска мрежа и повремено на диверзантска единица во редовите на ОВК во Македонија. Аналогно, рамковниот договор не се пишуваше во Македонија, туку напишан, на увид на Ахмети, во Призрен му го однесе лично Роберт Фровик. Какви и да се, на македонските политичари, до 2001 не им паѓаше на памет да го менуваат од темел асномскиот карактер на државата. Но, на некои европски и балкански кругови, особено на Грција и Бугарија, им беше и тоа како значајно да стават точка на букурештанските и версајските несовршености од кои, по распадот на СФРЈ, изникна Република Македонија како самостојна држава. 

         По потпишувањето на Рамковниот договор и промените на Уставот и уставната преамбула, Македонија живее со последиците. Ги има многу. Најстрашната, покрај човечките жртви и страдања, е токму онаа за името на државата. Не е случајно што од 2001 година, Грција ги засили своите позиции, а ослабнаа драматично македонските. И не е случајно што лидерот на СДСМ од тој миг толку нападно ги смени своите позиции, па сега отворено заговара негова севкупна промена. Во ова ново поглавие, сосема е разбирливо што за соодветна улога се избори Али Ахмети. Тој е прст на чкрапалото на пиштолот што е вперен во главата на македонската преговарачка страна. Тој сака во НАТО и ЕУ, сега, веднаш и под било кои услови што не задираат во албанскиот национален идентитет и кауза. Помеѓу идентитетот и името на Македонците и евроатлантско зачленување, изборот е веќе направен. Во тоа светло и треба да биде забележана историската изјава на малодушниот циник Георгиевски дека „тој и Црвенковски се ангажирани да ја одработат великоалбанската агенда”. Осум години од нултиот ден, убаво се гледа дека заеднички ја одработуваат и грчката мегали агенда.   

 

Оружен конфликт без единство 

         Сепак, на денот на потпишувањето, освен насмеаните фаци на меѓународните олеснувачи и на простодушниот Борис Трајковски, сите други потписници изгледаа како тукушто да излегле од гроб. Арбен Џафери демонстративно го напушти местото на настанот зошто како легитимен претставник на својата етничка заедница беше сведен на статист, а Али Ахмети, беше произведен во победник во војна и важен политички фактор. Во првата редаљка - обраќање до нацијата, највпечатлива беше изјавата на тогашниот премиер Георгиевски кој јавно изрази чудење зошто воопшто беше потребно да се инсценира војна за еден ваков договор, кој за цело време на неговиот мандат по мирен, институционален и политички договорен начин, веќе почна да го спроведува владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Ова ќе го утврди и историјата кога ќе почне да се занимава со 2001 година. Имено, во Македонија веќе беше договорена изработка на двојазични пасоши, се готвеше формализација на државната употреба на албанскиот јазик, се разработуваше новата територијална поделба. И сите тие предрамковни новини тогашната опозиција ги оцени како предавнички, растурачки и подривачки активности на власта, која има цел да ја подели унитарна Македонија. Историски ќе биде утврдено дека токму од денот кога беше формирана владата на национално единство, всушност таа поделба и се случи.  

         Сé укажува на тоа дека Македонија беше ептен погодна за инсценирање на војна. Институциите беа нефункционални. Власта некадарна и лукративна. Носителите на државни функции не беа дораснати за одговорните позиции, а опозицијата нагласено деструктивна. Во услови на оружен конфликт изостана единството. Власта и опозицијата немаа иста цел во наметнатата војна. Георгиевски сакаше да победи макар од суета или за да ја подели на преговарачка маса територијата. Црвенковски сакаше пораз на државата за да владее. Георгиевски, по сопствено признание беше премиер на една третина од министрите, другите две ги контролираа Црвенковски и Џафери, односно, Тачи. Борис Трајковски беше карикатура од врховен командант и шеф на држава, кого целосно го управуваа центри на моќ. Армијата ја раководеа неспособни генерали и Владо Бучковски, а полицијата, по договор на коалиционите партнери (Георгиевски и Црвенковски), му беше доверена на театралниот егзибиционист Љубе Бошковски.  

         Официјално, Македонија не беше во војна. И не беше од никого нападната. За ова се погрижи лично Бранко Црвенковски. Тој, како и Трајковски, одби да се согласи на прогласување воена состојба. Историски остана да виси зошто, ако е точно ова претходново, армијата беше присутна на воените полиња? И зошто беше толку нагласено неефективна? Како беше возможно во воени услови да се менуваат началниците на Генералштабот? Во моментот кога беше решено да се лажира фактичката состојба за да се избегне одговорноста на НАТО, Македонија стана држава во која се крчка граѓанска војна. Беа утврдени и завојуваните страни. Фактички, со политички инженеринг беше дизајниран карактерот, причината и поводот за судирот, но и однапред договорено кој ќе биде победникот, а кој поразениот. Така, во 2001 година веќе се знаеше дека агресор е македонската држава која преку парамилитарни банди (СДСМ ја опструираше и компромитираше мобилизацијата на полициските единици) врши терор врз невооруженото мирољубиво албанско малцинство. ОНА од терористичка банда и убијци беше трансферирана во организација на борци за човекови права. Судот во Хаг и обвинителниот акт тоа недвосмислено го потврдија.  

         Одбрана на државата во такви околности едноставно беше невозможна. Таа беше подривана и од надвор и од внатре. Политички, за војната беше обвинета некадарната националистичка влада во која учествуваше и:рационалната” опозиција. Покрај Ахмети и неговата командна структура, од 2001-та профитираше Бранко Црвенковски и СДСМ. Вишокот беше ликвидиран, компромитиран или дисциплиниран. 

         Ете, тоа е причината зошто 13 август 2001-та не може да биде виден како светла дата која треба да се слави. Таа дата не може да произведе заедништво и еднодушност кај жителите на Македонија. Ако некој сакаше да имплементира ново семе на раздор и поделби на Балканот, тоа успешно го направи. Македонија има две државни знамиња, кои се поставуваат на различни национални празници. Имаме различни споменици на жртвите од конфликтот. Рамковниот устав не ја обедини Македонија, а е преттекст за идни главоболки на генерациите што доаѓаат.   

 

Октроираните проекти се неодржливи 

         Уставните промени што ги предизвика обврската од рамковниот договор спаѓаат во редот на оние што историјата ги класифицира како октроирани. Тие не се производ на вообичаен демократски политички процес, туку на принуда и уцена со оружје. Актите произлезени од капитулација имаат ограничено времетраење и покажуваат тенденција на отфрлање во првите регионално или глобално променети историски околности. 

         Токму заради оваа закономерност, креаторите и актерите на настаните во 2001 година мора да бидат сеопфатно оценувани, а нивните постапки со се предизвиканите последици да бидат анализирани и вреднувани.   

 

Македонија е омилена дестинација на уценувачи  

         Навистина е комично кога извесни македонски политичари даваат оценки дека меѓународниот углед на Македонија паднал на ниски гранки заради бизарни причини како што е преименување на аеродром на кој слетуваат два авиони или некакви споменици. За нешто да падне, прва претпоставка е дека претходно било дигнато. 

         Настрана нивните нереални видувања на сопствениот лик во огледалото, целата 2001 година, со поведението на македонските политичари во воени услови, однесувањето на државниот и политичкиот врв кон интересите на своето население и државата со која управуваа, всушност го ничкоса имиџот на Македонија. За неа оттогаш ама баш никој во светот нема респект. Затоа, денес откако пред осум години е утврден капацитетот на македонските политичари, нивниот личен интегритет и способност, и ситни криминалци со бугарски пасош се охрабрија да ја уценуваат Македонија со вето во НАТО и ЕУ. Кога можат сите зошто не и тие. Кога еднаш му успеа на Ахмети, кога му успеа и на Црвенковски, зошто да не му успее и на едикојси Пламенчо или Красимирчо. Ако на Грција и се може, зошто по тој рецепт да не успее и Бугарија. Цел свет знае дека ние овде успешно „имплементираме”.

 

Што се случуваше на Радуша? 

         Една од воените секвенци од 2001 година која до коска го разголува недопустиво нискиот државнички капацитет на македонските политичари и фрапантната нефункционалност на македонските институции во екстремни ситуации е битката за Радуша. Полициската единица беше под целодневна атака на здружените сили на ОВК и НАТО од Косово, а Врховниот командант и министерот за одбрана, не одговараа на барањата за асистенција на нападнатите припадници на МВР. Историјата нема забележано случај каде што премиерот на една третина од влада за национално единство, преку МТВ упатува јавен апел до врховниот командант, министерот за одбрана, да им дозволи на армиските единици да им притекнат на помош.  

 

Зошто Леонид Кучма дојде во Охрид? 

         Во купот нерасветлени настани што му претходеа на 13 август се издвојува енигматичноста на посетата на украинскиот премиер Леонид Кучма на финалните преговори во Охрид. Тој ненадејно допатува во Македонија заедно со Хавиар Солана. Оваа посета очигледно беше темпиран фактор на изненадување, или средство за стимулација на евентуално паднатиот ентузијазам на некои од преговарачите на рамковниот договор. За доаѓањето на Кучма не беа известени ни Црвенковски ни Георгиевски. Очигледно вознемирени, и веројатно со нечиста совест, нивните министри се распрашуваа кај новинарите дали макар тие знаат зошто допатувал Кучма кој не беше дел од меѓународната заедница.  

         Во недостиг од историски обработени податоци, останува активна претпоставката дека итриот Солана го повел Украинецот за да ги плаши македонските ВИП шверцери и воени шпекуланти.       

Автор: Мирка Велиновска