PDF Печати Е-пошта

Преговори или разговори со Грција?

/Проф. д-р Благоја Маркоски/     

         Процесот со Грција од преговара (од низата разговара, преговара, договара) да се врати во разговара, за да на крајот нема никаков разговор за она што е бесмислено, а свето за Македонија и Македонците.

         Повод за ова писание е повикот на Македонката, министер за надворешни работи на Грција, Бакојани, до властите во Република Македонија за продолжување на (како што таа вели) преговорите за името на нашата родна земја, Република Македонија. Намерно ја нареков Македонка бидејќи меѓу другите би требало да е едно од многуте деца кои останале или се родиле од мајка и татко Македонци во Беломорскиот дел, а кои случајно или намерно поради некоја причина ја преживеале голготата на инсценираната граѓанска војна во 1946 година од страна на Грците (со цел да избркаат што повеќе од негрчкото население во Беломорскиот дел од Македонија). Година кога илјадници и илјадници деца бегалци етнички Македонци беа протерани од родниот Беломорски дел од Македонија, а нивните домови запалени, родителите затворени, протерани или убиени.

  

         Потоа, таа педантно била воспитана или превоспитана да се чувствува како гркинка, а во душата да живее како неосознаена Македонка. (За жал таква е вистинската приказна за многу Македончиња, Турчиња, Албанчиња и т.н. во Грција). Инаку, навистина е чудно да си Грк, да живееш во Грција, а да го штитиш и бараш името Македонија (во случајот или си голем космополит, или уште поголем фашизоиден националист).

  

         Патем кажано, неоспорно е дека Македонците од Вардарскиот дел од Македонија како цивилизациска придобивка ја запазија и заштитија и Македонија и Македонштината токму од Грците што денес е во интерес и на преостанатите наши браќа и сестри Македонци во Грција (кај кои и во Грција и во Америка и во Канада и во Австралија сеуште се врши пропаганда со омраза кон нивните браќа и сестри во Вардарскиот дел од Македонија). Затоа, Македонци по род од сите делови на Македонија мора да се сплотиме и заедно да работиме, бидејќи, токму тоа е клучот за заедништво и чекорење напред во вистинската европска иднина. “Чистата” Грција не е на правиот пат, бидејќи, како што ми е познато само тие од цела Европска унија во личните карти имаат внесено вероисповед. Зошто било тоа неминовно?

  

         Има повеќе картоприкази, преку кои дипломатите можат уште нешто да дознаат за проблемот на геноцид и можеби дотогаш зборот преговара (од низата разговара, преговара, договара) ќе се врати во разговара, за да на крајот нема никаков разговор за она што е бесмислено, а свето за Македонија и Македонците. Искрено се надевам дека и министерката ќе се подзапраша за своето вистинско потекло, ќе се потсети на зборовите на нејзината учителка или учител што и зборувале во училиште дека нема Македонија, дека нема Македонци, дека Македонија е грчка и сл. (и сега бидејќи е порасната голема ќе може да се запраша зошто токму тоа и го потенцирале и така ја учеле) така што наместо испраќање провокативни честитки, ќе започне со враќање назад кон корените, подавање рака на Македонците нејзините браќа и сестри кои ете по Втората светска војна се стекнаа со независност и државотворност (во рамките на тогашната југословенска федерација), така што, како што спомнавме, имаа и имаат цивилизациска и библиска обврска да го чуваат родот македонски и земјата македонска.

 

         За тоа време (сигурно и самата се сеќава) во Грција беше забрането да се употребува зборот Македонци, Македонија, Александар Македонски, Филип Втори и сл. Сето тоа беше со цел генерациски да се дозаборави она што било и е македонско. Затоа разговорите треба да се привршуваат.

         Ние знаеме што е име и идентитет, а што е референца, затоа и ООН ако и натаму претендира на светска организација со предзнак “обединети” мора да стави крај на ваков вид преседани! Во спротивно ќе продолжи да ја губи довербата кај нациите, народите и луѓето воопшто.

 

Авторот е професор на Институтот за географија при ПМФ