PDF Печати Е-пошта

 

Проблемот со Грција нека не научи на национално обединување

/Проф. д-р Виолета Ачкоска/

         Големото зло со прекрстувањето на Македонија треба да изроди и нешто добро. Конечно да се освестиме дека треба да се обединиме како нација, да го браниме посилно националното достоинство и да си ја вратиме изгубената историја, не заради минатото, туку заради денешнината и иднината.  

Драги Македонци !

Додека соседните “ослободители” ни ја прекрстуваат државата, народот, територијата, црквата и што ли не, си мислам дека можеби ова зло ќе изроди и нешто добро! Можеби конечно ќе се освестиме дека во оваа тешка и долготрајна борба треба да се обединиме како нација, да си ја ставиме иднината на поколенијата над партиската свест, да си го браниме силно националното достоинство и да си ја вратиме изгубената историја, не заради минатото, туку заради денешнината и иднината !         

         Од каде некој си странец кој доаѓа во нашата држава, може да знае дека овој македонски народ има длабоки корени и драматично минато кое можеби се одигрувало токму на местото на кое застанал! Каде да ги види трагите за јунаците, за творците, за неимарите кои ги раѓал овој народ, за сите оние Македонци кои дале свој прилог во градењето на европската цивилизација.         

         Затоа, не можам да не се запрашам што ли народ ќе бевме!? Ни по шест и повеќе децении од создавањето на современата македонска држава, пред македонското собрание го нема споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто. Го нема ни Шатев, ни Брашнаров, ни Полежина, таа самосвесна македонска генерација која го посвети животот на македонската слобода и која трагично заврши во бесмислените антимакедонски идеолошки чистки.         

         Сигурно не барам споменикот да биде толку голем, како оној на Скендер-бег среде Скопје (зашто каде престанува научната историја почнуваат митовите и големите споменици), не барам спомениците на Малешевски, Беровски, Карев, Гули, Сандански, Узунов, ..., да бидат толку маркантни, но, барем да ги имаме, на видно место, да ни кажуваат, да ни покажуваат, да не храбрат.         

         Затоа, ви се молам загрижени “големи” социјални бранители кои се јавувавте по медиумите и кажувавте дека нема пари за паметници. Немојте да ја “жалите” државната каса со социјална демагогија. Каде бевте вака жестоко да пишувате за погребаните фабрики, запустените претпријатија, за украдените четири - пет децении државна индустријализација! И конечно, по 17- тина години разграбување на државниот имот, вие сега се збравте да удрите и да иронизирате за неизградените споменици (восочни фигури, скулптури, музеи), по неоткриената македонска историја. Треба да удрите по живите (а не по мртвите херои), по бизнисмените и т.н. интелектуалци кои ја украдоа вашата и иднината на вашите деца, внуци, правнуци! Таму е вистинското место за критика !         

         Како сакаме некој да признае дека постои некаква македонска држава и македонски народ во 20- от век. Дозволивме, многу страмно, гемиџиите од почетокот на тој век да ни ги споредат со современи терористи од почетокот на 21- от век. На самата сто годишнина од настанот го изгнасија чинот на саможртвата на една група храбри Македонци кои тргнаа во смрт за да ја разбудат заспаната совест на Европа, да ја вознемират нејзината рамнодушност кон трагедијата на еден народ на Балканот.Се изнаплукаа по големиот празник 23 октомври. Беше жално да се види и почуствува колку Македонци не си го знаат сопственото минато, па така, од еден општонационален празник со кој треба да се гордееме се правеше комедијанство.         

         Илинден 1903 и Илинден 1944 си ги разделивме. Не сакавме да сфатиме што мислеле оние кои токму на денот на Илинденското востание ја прогласувале македонската држава. И убаво, си направивме две прослави. Бирај! Лево или десно! Немаш право на двата !         

         Конечно е време за национален консензус. Престанете со партиска заслепеност! Ајде Македонци! Македонија - гордо звучи! Научете си ја сопствената историја и чувајте ја. Зашто без историја и без национален идентитет секој ќе ве прекрстува како ќе му текне ! 

Авторот е историчар, професор на Филозофски факултет