PDF Печати Е-пошта

Демократија во Македонија? - Што беше тоа?  

/ Флаер од претседателските и локалните избори 2009 година /

 

      Иако маргинализирани од оние кои го планирале Рамковниот договор, и свесни дека за успешна кампања потребни се големи финансиски средства, одлучивме да учествуваме на овие избори водени исклучиво од патриотски чувства, а со цел да ги афирмираме македонските национални интереси.

      Меѓутоа, на овие избори  целосно сме бојкотирани од медиумите според истото сценарио, па не само што досега сите наши прес конференции беа игнорирани, туку скандалозно, и на нашата промоција на кандидати за градоначалници и советничките листи не присуствуваше ниту еден  електронски или пишан медиум.     

     Затоа нашиот изборен флаер го дополнуваме со акценти од обраќањето на претседателот на ВМРО-ДП, Владимир Голубовски:

      Почитувани,     

     Оваа промоција на кандидатите, за градоначалници и советнички листи на нашата коалиција, ВМРО-ДП и ТМОРО-ВЕП, е доказ, дека и покрај огромните притисоци врз нашите партии, не само што не се откажавме да учествуваме во македонската политика, туку направивме исчекор, направивме коалиција !     

     Нашата коалиција ја претставува политичката совест на македонскиот народ !     

     Граѓаните не прашуваат кај сме, зашто не нема ?

     Ние денес одовде им одговараме, нас не има, но ја нема демократијата во Македонија !     

     Македонија е во демократски мрак !      

     Како ќе има демократија, кога двете најголеми партии ги контролираат сите електронски и сите пишани медиуми во државава и со невидено лицемерие глумат демократија,  устата им е полна со демократија - чиниш ќе се задушат со толку демократија во уста!

     Заслепени од чувството на неограничена моќ не дозволуваат ни да им се помогне, па со невидена леснотија, самобендисани и водени од личниот и партиски егоизам,  ја осудуваат Македонија да стои на слеп колосек.     

     А КОЛКУ ДВЕТЕ НАЈГОЛЕМИ ПАРТИИ ЈА САКААТ И КОЛКУ ЌЕ ЈА БРАНАТ МАКЕДОНИЈА, ВИДОВМЕ !    

     Нивните претседателски кандидати на одржаните дебати, ГИ ПРЕМОЛЧЕА СИТЕ АНТИМАКЕДОНСКИ ТЕЗИ со кои се бара противуставно рекомпонирање на политичкиот систем, редефинирање на унитарниот карактер на државата, и ново територијално прекројување на Македонија до отцепување, изнесени од кандидатите на албанското малцинство.     

     И повеќе од тоа, речиси сите кандидати на т.н. релевантни партии, оркестрирано, со умисла за да ја скршат самодовербата и самопочитта на  македонскиот народ, заговараат промена на името, да се откажеме од својот идентитет - подготвуваат простор за најцрни сценарија за кои веЌе се поотворено се заговара !     

     ГИ ПРАШУВАМЕ, ДАЛИ ИЗБИРАМЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ КОЈ ЌЕ ГО ПОТПИШЕ НЕКРОЛОГОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ?                 

     Зарем ќе заборавиме што и направија на Македонија и едната и другата релевантна партија, ЕДНАТА ОТВОРЕНО, ДРУГАТА ЗАДСКРИЕНО со Новата територијална организација. Нема сомнение дека Западниот дел на Македонија и покрај фактот што немаме двостепена локална самоуправа, практично е регионализиран, со што албанското малцинство го изведе својот клучен аргумент дека населува компактна територија, како вовед во барањето на формална кантонизација.     

     Се покажа дека донесувањето на овој закон е крупна историска грешка која од идните генерации ќе биде оценета како национално предавство. И тие кои го  донесоа тој закон, и овие кои не го менуваат, се  правдаат, дека тоа е за да може централната власт во Скопје да биде стабилна.     

     Ние сметаме дека тоа е лажна стабилност, актуелната власт и парламентарната опозиција го изгубија чувството за игра, па недозволиво заиграа со највиталните македонски национални интереси.    

     Истовремено стопанството е блокирано, владее страв за деловна иницијатива. Нашиот народ е во длабока социјална беда, остварен е низок степен на човекови права и слободи, или накусо Македонија политички се соочува со оддалечување од граѓанското демократско општество. Тежиштето е поместено од граѓаните како актери во граѓанското општетсво, кон силната автократска извршна власт и невидливите центри на политичка моќ.     

     Нема да има благосостојба која двете политички партии толку лесно ви ја ветуваат, ниту пак било какви излезни решенија од длабоката криза доколку гласате да го погодите победникот !     

     Така само широко се отвара порта за наплив на политички реваншизам. Големите изборни победи се несреќа за македонскиот народ, еден реваншизам ќе замени друг !    

     Таква агонија ние не прифаќаме !      

     МАКЕДОНИЈА ИМА ПОТРЕБА ОД НОВА ОПЦИЈА, ОД НОВ ПОЛИТИЧКИ ИЗБОР!